Имам четири месечно бебе и има атопичен дерматит….од време на време е поизразен, а некогаш се смирува. Распостранет е само на стомачето и градите, а на друго место не…. во вид на ситни црвенки, мозолчиња, а околината им е црвена. Користам само памучна облека, се бањаме секој втор ден, за купка користам линола, а за мачкање мустела стелатопија, ама нема некој ефект. Прашањето ми е, каква друга козметика да сменам и дали како што ќе расте бебето ќе исчезне и овој дерматит …како и некој совет околу оваа проблематика…

 

- АД е хронично, повторувачко, воспалително кожно заболување,  кое се карактеризира со чешање и екцематозни кожни промени и најчесто се јавува во период на доење и детството. Тоа значи дека може да се проширува и на другите делови на кожата (раце, нозе), но обично, во тек на втората година се смирува и се ограничува на одделни делови од телото. Овие бебиња со оглед дека имаат сува кожа  може да се капат секој ден, но важно е, веднаш после капење, со пешкир да се впие водата од телото, и најбрзо што може,во тек на неколку минути, цело тело и здравата кожа, да се намачка со крем. Пожелно е да не се менуваат препарати за капење и за нега на кожата. Користењето на крем нема да го излечи егземот, но важно е постојано да се нанесува крем на сувите делови на телото. Затоа се препорачува еднаш на ден цело тело на сувите делови, во вашиот случај стомачето и градите, при секоја промена на пелените, доколку почуствувате дека кожата е сува да се намачка. Потребно е да се користи крем кој се впива и ја влажни кожата. Овие деца не сакаат многу топло и пожелно е во просторијата каде престојуваат температурата да биде околу 20-22 степени, да не се преоблекуваат, облеката да им биде комотна. За нега на кожата може да користите која било козметика која ќе ја влажни и онака сувата кожа. Не очекувајте од кремите дека ќе го решат проблемот, само ќе ја влажнат кожата да не биде сува. Потребно е трпение и време, но доколку имате посериозни проблеми со кожата советувајте се со вашиот педијатар.

Email Facebook Google LinkedIn Tumblr