Пеленскиот осип е чест кај бебињата во тек на првата година, а најчесто помеѓу 9 - 12 месец и често се поврзува со постојаната влажност во пеленската регија. Може да се појави и после започнување со дохрана на бебето или доколку бебето прима антибиотици. Ретко може да се појави кај бебе кое е на доење доколку мајката консумира одредени видови на храни.


Најчести причини

  • Започнување со дохрана на бебето.
  • Промена на видот на пелените кои ги користите.
  • Промена на прашакот за перење или на омекнувачот.
  • Бактериска или габична инфекција – поради тоа што топлата и влажна средина која е присутна во пеленската регија е добра подлога за развој на бактерии и габи.
  • Чувствителна кожа како атописки дерматитис или егзема.
  • Триење на кожата.
  • Употреба на антибиотици.

Основни симптоми на пеленскиот осип

  • Црвенило, отечена и напната кожа во пеленскиот регион – газето, бутовите и гениталиите.
  • Бебето се чувствува непријатно, често е вознемирено, а при бањање на газето со вода или при бришење бебето плаче.

Како можете да му помогнете на вашето бебе:

  • Најважно е пеленската регија да се чува сува и чиста преку често менување на пелените.
  • При секоја промена на пелените исплакнете ја пеленската регија само со вода, и нежно впијте ја водата со пешкир, при тоа да не ја триете кожата.
  • Не користете влажни марамчиња за хигиена на пеленската регија.
  • Може да користите заштитна крема со цинк оксид која се нанесува во тенок слој на зафатената кожа неколку пати во тек на денот. Оваа крема може да се користи и на здрава кожа како превенција од појава на пеленски осип.
  • Оставете ја пеленската регија отворена без пелени да се суши.
  • Избегнувајте пластични гаќички или тесни пелени.
  • Користете поголем број на пелени додека не се смири осипот.

Пеленскиот осип обично поминува за неколку дена и нема потреба да се оди на лекар, но доколку ги приметите следниве знаци јавете се кај вашиот педијатар:


  • Тешка форма на осип.
  • Осипот се влошува и покрај преземените мерки.
  • Се појавува температура.
  • Се појавуваат гнојаници и меурчиња.
  • Поспаност на бебето.