Градба на кожата

 

Иако кожата кај вашето бебе наликува по градба на вашата, сепак функционално е незрела.  Затоа кожата на вашето бебе  е особено чувствителна на влијанијата од околината. Кожата е потенка со што е олеснато губењето на вода, а сето тоа придонесува за полесно навлегување на разни штетни материи. Жлездите ја немаат достигнато целосната активност, па поради тоа не е целосно развиен воденомасниот обложувачки слој што ја прави бебешката кожа почувствителна на инфекциите, кои лесно можат да ја оштетат кожата. Да не заборавиме дека, големата површина на кожата и намалената способност за потење ги прави бебињата термонестабилни, па лесно може да се прегреат или да се оладат. Детската кожа постепено созрева и на возраст од 12 години ја постигнува зрелоста како кај возрасните, во поглед на морфолошките и физиолошките карактеристики.

Денес, се знае дека бариерната функција на кожата е предуслов за здрава и нормална кожа. Со одржување на нормална бариерна функција се обезбедуваат и другите функции на кожата во обезбедување на здравјето. Еластичноста и мекоста на кожата, кои се предуслов за нормална бариерна функција, се должат на способноста на стратум корнеум да врзува вода. Тоа е овозможено од нормалното присуство на масти во интерцелуларниот матрикс, нормалната секреција на липиди од лојните жлезди и од присуството на нормални навлажувачки фактори (аминокиселини). Епидермисот претставува метаболно активна средина во која се врши синтеза на одредени материи – липиди, протеолиза, активација на цитокини, ацидификација, прилагодено на влијанијата од надворешната средина. Кожата делува како биосензор како на надворешните влијанија, така и на внатрешните влијанија од самиот организам.

Email Facebook Google LinkedIn Tumblr